Последниот извештај на ЕУ за Северна Македонија не е добар затоа што напредок е забележан само во една област, а тоа е надворешната и безбедносната политика заради приклучување кон санкциите на ЕУ против Русија, вели директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски во интервју за порталот zoom.mk.
„Не е за радување состојбата. Само на едно место има оценка четири, многу добро, надворешна и безбедносна политика. Имаме три тројки во областа на економската и монетарната политика и јавниот долг, кој е на граница на 60 отсто“, оценува Кржаловски додавајќи дека во кластерот основни вредности, напредок имаме само за статистика, а сите други оценки се двојки и единици, а некаде имаме и нули, односно дека нема никаков напредок.
Тој тврди дека извештајот констатира застој и во борбата против организираниот криминал и корупција.
„Извор на проблемите се статутите на партиите кои не овозможуваат градење на систем според мерит систем, туку лојалност кон лидерот и партијата. Во партиите се регрутираат кадри кои не покажуваат капацитет во решавање на проблемите и тие кога ќе преземат некоја државна функција очекуваат лепењето на плакати да го наплатат со коруптивни зделки“, смета Кржаловски забележувајќи дека ваква практика продолжил и после промените во 2017 година.
Според него, системот е заглавен затоа што судството не може ефикасно да се бори против корупцијата, а администрацијата е гломазна и не врши работа.
„Гледаме дека сме заглавени, а тоа води до уште поголема корупција и затоа бегаат младите“, констатира Кржаловски.
Зборувајќи за отсуството на политичка волја за борба против корупцијата, тој предупредува дека блокадата на институциите од неспособни и корумпирани кадри, може да доведе до експлозија посебно во финансискиот систем.
„Јас тоа го гледам со се поголемата задолженост. Задолженоста се зголемува како да не треба да се вратат тие пари. Веќе сме над 8 милијарди задолжени. Буџетот е четири милијарди евра, а пак велиме дека нема пари. Кога Груевски дојде на власт во 2006 буџетот беше 1.2 милијарди“, вели директорот на МЦМС потсетувајќи дека поради огромните задолжувања на Груевски кон ЕУ над 100 милиони евра враќаме камати него што добиваме европска помош.
Наместо да се прекине со постојаното задолжување како што ветувал поранешниот премиер Заев, тој забележува дека задолжувањето од сегашната власт се дуплира, а парите се користат нерационално во градење автопати, кои се неисплатливи и се градат долги години.
„Се сведува на тоа дека нема никакво чувство за одговорност, зошто се бркаат позиции, да се вдомат, не разбирајќи дека тоа не чини“, вели Кржаловски.
Сериозен проблем во земјата за него е и политиката на не казнивост, неколку пати се промашиле знамињата во МНР, а никој не сноси одговорност.
„Во некои држави министерот оди, а овде уште никој не е казнет за тоа. Пошто никој не се казнува, продолжува и на никој не му е гајле“, смета Кржаловски и додава дека ваквата неодговорност доаѓа од изборниот модел бидејќи на партиите не им гајле кој гласа затоа што на крај пак има 120 пратеници.
„На последните избори има 250 илјади помалку гласачи. Луѓето се разочарани, а нема нови партии, изгледа нема доволно луѓе и критична маса да покренат порадикални промени, а тријализмот на ВМРО, СДСМ и ДУИ продолжува“, вели директорот на МЦМС Кржаловски./Zoom.mk