Еден фактор на кој можеби не му посветувате многу внимание би можел да биде клучен за губење на масните наслаги.

Во обид да ги намалат масните наслаги околу половината, многу луѓе го интензивираат вежбањето и го намалуваат внесот на калории. Сепак, нутриционистите истакнуваат дека еден од најефикасните методи за намалување на висцералните масти вклучува нешто што често погрешно се смета за мрзеливост: одмор.

За разлика од поткожните масти, висцералните масти ги опкружуваат внатрешните органи, како што се црниот дроб и цревата, и се поврзани со сериозни здравствени ризици. Повеќе одмор и квалитетен сон можат да бидат од клучно значење за губење на овие масни наслаги, пренесува „EatingWell“.

Опасностите од висцералните масти
Вишокот висцерални масти не е само естетски проблем. „Тие се тесно поврзани со зголемен ризик од метаболички синдром, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести и одредени видови рак“, вели нутриционистката Џоана Кац. Таа додава дека овој тип на масно ткиво поттикнува хронично воспаление, го зголемува нивото на слободни масни киселини во крвотокот и може да придонесе за дисфункција на органите. Неодамнешните истражувања исто така го поврзуваат со поголем ризик од деменција.

Регулирање на хормоните за глад и стрес
Недостатокот на сон влијае на хормоните што го контролираат апетитот. Нутриционистката Маша Дејвис објаснува дека сонот помага во балансирањето на лептинот и грелинот. Кога не спиете доволно, нивото на грелин – хормонот на глад – расте, додека нивото на лептин – кој сигнализира ситост – опаѓа. Резултатот е зголемен глад и поголема веројатност за внесување вишок калории, што придонесува за таложење на висцерални масти. Ова го потврдуваат податоците кои покажуваат дека луѓето со прекумерна тежина често спијат помалку од препорачаните седум до девет часа. Слична е ситуацијата и со хормоните на стрес. Долготрајната изложеност на стрес го зголемува нивото на кортизол, што може да поттикне емоционално прејадување и таложење масти.

„Одморот, од друга страна, може да го намали нивото на кортизол“, забележува Дејвис. Недостатокот на сон исто така го зголемува нивото на кортизол, што може да го покачи шеќерот во крвта и да доведе до инсулинска резистенција.

Поддршка за вежбањето и закрепнувањето
Иако вежбањето е клучно за согорување масти, претерувањето може да има спротивен ефект. Прекумерниот напор води до замор и пад на мотивацијата, што може да доведе до тоа лицето да стане помалку активно отколку што би било со умерено вежбање. Деновите за одмор се од суштинско значење за одржување на рамнотежата на телото, бидејќи им даваат време на мускулите да закрепнат и да се регенерираат.

Текстот „Лоша“ навика што може да ви помогне да изгубите тежина е превземен од МАКФАКС.