Државната лотарија е на граѓаните и не смее да се претвора во партиска каса на Мицкоски, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со проневерените и нетранспарентно потрошени 5 милиони евра за организација на прославата на независноста. Филипче посочи дека станува збор за пари со кои располага компанија која што е во целосна државна сопственост, што значи дека тоа се народни пари и мора да се трошат транспарентно и во интерес на граѓаните.
„Одлуката на Владата, излезе на виделина, од 167-та седница, на која што јасно се укажува на Акционерското друштво АД Лотарија, целосно, стопроцентно во сопственост на државата, што значи парите со кои што тоа претпријатие располага се на граѓаните, не на некоја приватна компанија, не на некои донатори, да се организира оваа прослава со целосно 5 милиони евра народни пари, пари на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче побара Владата да ја објави документацијата и да даде отчет пред граѓаните за тоа како се потрошени нивните пари.
„Бараме да се каже јавно и гласно, освен тоа што Владата има обврска затоа што мора транспарентно да работи, да го објави записникот од владената 167-ма седница, да каже и кој од тие кои што учествуваат во овој спектакл со народни пари, додека граѓани гладуваат, кој колку пари земал од ексклузивно народните пари, пари на граѓаните од Државната лотарија, која што е во 100% сопственост на државата, односно на граѓаните“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче праша зошто средствата од државната Лотарија не се за помош на граѓаните во овие кризни времиња кога се е поскапено а животниот стандард е урнисан.
„Зошто дивидендата од Државната Лотарија не се намениле за нешто друго? Зошто не се зголемиле субвенциите на земјоделците. Зошто не се намениле за лековите кои што недостасуваат? Зошто не се намениле за подобрување на состојбата и инфраструктурата во некое училишта? Зошто не се намениле за зголемување на социјалната помош?. Зошто дел барем од парите не се намениле да се зголемат пензиите? Зошто барем дел од парите не се намениле да се зголеми минималната плата?“, рече Филипче.
Текстот Државната лотарија е на граѓаните, не е партиска каса на Мицкоски, вели Филипче е превземен од МАКФАКС.

















