Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, изјави дека Македонија има проблем со Брисел, а не со Софија, спуштајќи ги на тој начин надежите (ако ги има) на македонската влада дека може да изнајде некаков договор со властите во Софија за излегување од ќор-сокакот.

„Францускиот предлог ќе биде строго следен. Нема билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку меѓу Брисел и Северна Македонија“, рече Георгиев.

Ивон Величковски – лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија вели дека она што е општо познато и во Скопје и во Софија и во Брисел: Северна Македонија преговара за членство во ЕУ.

„Затоа за Северна Македонија нема ниту нови ниту помалку услови – Преговарачката рамка е патоказот, моделот и методологијата. Премиерот Жељасков пред две седмици и вчера министерот Георгиев во име на Бугарија со изјави тоа го потврдуваат пред Брисел. Сите знаеме дека и до сега и сега и во иднина на потег е Собранието на Северна Македонија: штом се дополни Преамбулата – преговорите продолжуваат. И со тоа стана очигледно познатото: дека Владата на Мицкоски нема за што да преговара ниту со експертска ниту со политичка влада во Софија. Поточно се потврди дека ‘чекањето политичка влада’ таму беше само евтин изговор на Мицкоски, Меџити и Таравари кој Филипче непотребно влезе да го легитимира. Останувам на повикот: поднесете ги и усвојте ги измените на Преамбулата и не чекајте веќе дозвола за тоа од Вучиќ, тој си има други маки“, изјави Величковски за „Фронтлајн“.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев вели дека Бугарија останува исклучително доследна во својата политика кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји во регионот.

Тој рече дека во 2022 година беше постигнат европски консензус (францускиот предлог), кој строго ќе се следи. Според него, секоја земја мора да ги почитува критериумите и да се придржува до нив, и додава дека европското членство се заснова на сопствени заслуги.

„За нас безбедноста и европската интеграција на Западен Балкан е исклучително важна. Ова е инвестиција во стабилноста на цела Европа и ние ја препознаваме како земја која го започна, го охрабри и катализираше овој процес во 2018 година. Ги знаеме и ги чуваме нашите национални интереси и интересите на целата Европска унија“, изјави Георгиев.