Владата ја прифати подадената рака од Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), кој побара продолжување на прекинатиот дијалог за 30 отсто поголема плата на административците, чии плати не се покачени. На протестите минатата недела тие кажаа дека не само декларативно, како Владата, туку и формално пратиле барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски, а денес Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикатите на Македонија извести дека добиле потврден одговор.

„Синдикатот на УПОЗ доби повратна информација дека е прифатено нивното барање за одржување средба. Средбата очекуваме да се случи веднаш по враќањето на македонската делегација односно на претседателот на Владата од Вашингтон. Се надеваме дека тоа ќе биде во најбрзо време имајќи предвид дека колешките и колегите од овие шест министерства и двете други институции очекуваат да се интензивираат преговорите кои беа прекинати поради одбивањето на анексите на новите колективни договори од страна на Министерството за финансии. Од тие причини Синдикатот на УПОЗ подаде рака да се најде соодветно решение, но колегите и колешките од овие институции се подготвени да ги продолжат протестите и евентуално да преземат и други активности кои се овозможени согласно закон“, рече Трендафилов.

Членовите на Синдикатот на УПОЗ вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив минатата недела протестираа четири дена. Последниот протест беше пред Министерството за финансии од каде најавија и можен штрајк и тужби за државата доколку нивните плати не се изедначат со платите на вработените во министерствата кои добија додаток на плата.