„Црвено-црните“ со 25:21 ја совладаа Војводина во својот прв натпревар од СЕХА лигата оваа сезона.

Ракометарите на Вардар со победа ја отворија 2021 година, „црвено-црните“ со 25:21 ја победија Војводина во рамки на СЕХА Лигата.

Разликата во квалитет беше очигледна, па тренерот на Стевче Алушовски на овој натпревар одлучи да им даде шанса на сите ракометари и притоа да испроба нови тактички замисли за пеколниот февруари кога „црвено-црните“ ќе одиграат 11 натпревари.

Вардар уште на самиот почетоко покажа кој е фаворит на овој натпревар и по првичното водство на Војводина од 0:1, „црвено-црните“ за осум минути направија серија од 6:0 и предноста ја одржуваа до крајот на полувремето (15:10).

Во второто полувреме, очигледно беше дека ракометарите се уште ја бараат оптималната форма и им недостасуваат натпревари и поради тоа имаше падови во играта со кои Војводина успеваше да ја намали негативата, но победата во ниту еден момент не беше доведена во прашање.

Гоце Георгиевски и Тимур Дибиров со по четири постигнати голови беа најефикасни кај Вардар, додека Борко Ристовски на голот имаше десет одбрани.

Следниот натпревар за Вардар ќе биде на 1. февруари кога исто така во рамки на СЕГА лигата го пречекуваат тимот на Нексе.