Пандемијата на ковид-19 му нанесе огромна штета на детското образование во целиот свет. Вакцинацијата на наставниците е критичен чекор за полесно да се врати во колосек. На овој начин наставниците полесно ќе се заштитат од вирусот, ќе можат да предаваат во живо, а училиштата ќе останат отворени, сметаат од УНИЦЕФ.
-Во најлошите денови, на крајот на април во 2020 година со затворањето на сите училишта се наруши процесот на учење на безмалку 90 насто од учениците на светско ниво. Иако таа бројка оттогаш има опаднато, се уште без никаква поткрепа се верува дека со затворање на училиштата може да се забави ширењето на болеста, и покрај се поголемиот број докази дека училиштата не се главниот причинител за пренос во заедницата. Како последица на тоа, како што бројот на случаи драстично се зголемува во многу земји во светот, во заедниците повторно се затвораат училиштата. Од 1 декември, училиштата се затворени за речиси секој петти ученик на глобално ниво – или за 320 милиони деца, вели извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, чија изјава ја пренесува канцеларијата на оваа организација во Скопје.
УНИЦЕФ смета дека наставниците треба да се приоритет за вакцината за КОВИД-19, откако ќе се вакцинираат здравствените работници што се во првите борбени редови и популациите што се во висок ризик. На овој начин наставниците полесно ќе се заштитат од вирусот, ќе можат да предаваат во живо, и на крајот на краиштата училиштата ќе останат отворени.
-Иако владите на крајот одлучуваат за распределбата на вакцините, последиците од продолжени периоди пропуштена или нарушена настава се тешки, особено за најмаргинализираните заедници. Што подолго се децата надвор од училиште, помалку е веројатно дека ќе се вратат, а со тоа е и потешко за нивните родители да се вратат на работа. Ова се тешки одлуки што подразбираат и големи отстапки. Но, не би требало да е тешко да одлучиме да преземеме сѐ што е во наша моќ за да ја заштитиме иднината на следната генерација. А, првиот чекор во оваа насока би бил да ги заштитиме лицата кои се одговорни да им ја овозможат таквата иднина, нагласува вели извршната директорка на УНИЦЕФ.