Украина денеска одбележува 31 година од независноста од Советскиот Сојуз, додека продолжува да се бори во шестмесечната неиспровоцирана руска инвазија во која загинаа десетици илјади луѓе. Главниот град на Украина, Киев и неколку други големи градови ги забранија јавните прослави поради предупредувањата дека Русија ќе ја искористи приликата за да нападне цивилна и владина инфраструктура.
Претседателот Володимир Зеленски им порача на Украинците во своето ноќно видео обраќање да останат претпазливи додека го слават празникот. „Мораме да бидеме свесни дека се можни одвратни руски провокации и брутални напади“, рече Зеленски. Наместо парада, уништени и заробени руски воени возила, вклучително и тенкови, беа поставени на Хрешчатик, главната улица во Киев, како потсетник на неуспешниот обид на Москва да го заземе главниот град во првите недели од војната.