Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја добие војната со Русија додека тој и украинскиот народ денеска ја одбележуваат првата годишнина од руската инвазија која им ги промени животите.
Зеленски се обрати од истото место од каде пред една година, на 24 февруари, алармираше за руската агресија врз неговата земја.
„Пред една година, на денешен ден, токму од ова место, околу седум часот наутро, му се обратив на народот со кратка изјава. Таа траеше само 67 секунди, ги содржеше двете најважни работи, тогаш и сега. Дека Русија започна војна од големи размери против нас. И дека ние сме силни. Подготвени сме на се. Ќе ги победиме сите. Затоа што ние сме Украина. Вака започна 24 февруари 2022 година. Најдолгиот ден од животот наш. најтешкиот ден во нашата модерна историја. Се разбудивме рано и оттогаш не спиевме“,рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин го започна нападот врз Украина, кој го нарече специјална операција за демилитаризација и денацификација на оваа земја, со 200.000 војници со верба дека се ќе биде готово за неколку дена, но Зеленски рече дека украинскиот народ го сруши митот за Русија како светска велесила.
Во битката против Русија, Украина ја има поддршката од сите западни земји од Европа и САД, кои потрошија милијарди долари помош за опремување на украинската армија со најмодерно оружје.
„Нашата доверба е зајакната. Нашиот морал е зајакнат. Го издржавме првиот ден од огромната војна. Не знаевме што ќе се случи утре, но со сигурност сфативме: секое утре вреди да се бориме! И се боревме. жестоко се боревме за секој ден. И го издржавме вториот ден. А потоа – третиот. Три дена што ни предвидуваа дека ќе траат. Се заканија дека по 72 часа нема да постоиме. Но го преживеавме четвртиот ден. И тогаш и петтиот. И денес се навршува една година откако останавме. И сè уште знаеме: секое утре вреди да се бориме“, додаде Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руската армија првично окупираше неколку региони на истокот на земјата, но никогаш не успеа да го опколи Киев, што беше и нејзина главна цел, соборување на моќта на Зеленски и поставување на контролирана влада. Украинската војска соопшти дека околу 130.000 припадници на руската армија се убиени во Украина, додека илјадници тенкови и друга воена опрема се уништени. Русија признава дека има загуби, но не и бројките што ги тврди Киев.
Руската агресија во Украина остави илјадници цивили мртви, милиони раселени, села и градови срамнети со земја. Војната во Украина е најтешка од Втората светска војна./Алсат.мк
Исуф Кадриу