Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов охрабрен влезе на денешната втора седница на Економско – социјалниот совет на која ќе се договара растот на платите следната година, вклучително и минималната плата. Пред почетокот на седницата Трендафилов во изјава за медиумите рече дека пари за раст на платите во буџетот за следната година се предвидени и првпат се предвидува раст поголем од 10 проценти.
„Тоа што можеме да го видиме од верзијата која ни беше достапна нас е дека во буџетот, можеби и за првпат по подолго време, има предвидено средства за раст на платите во повисок процент од 10 проценти. Ќе чекаме денеска официјално да ни биде пренесено на седницата на Економско – социјалниот совет. Средствата за раст на платите се некаде 13,8 или 13, 9 проценти во буџетот во сооднос со претходната година. Тоа ни дава до знаење дека Владата предвидува средства согласно колективните договори и согласно законите за зголемувањето на платите. Сметаме дека доколку се зголемат платите во јавниот сектор Владата нема да има никакви дополнителни оптоварувања со евентуалниот раст на минималната плата имајќи предвид дека сите вработени во јавниот сектор за кои Владата исплаќа плата, ќе бидат над износот на минималната плата кој би се утврдувал“, рече Трендафилов.
ССМ останува на барањата истакнати уште на Први мај година кои се однесуваат на зголемувањето на платите вклучително и раст на минималната плата и зголемување на платите во јавниот сектор од март наредната година односно по методологијата која е утврдена во општиот колективен договор.
„Минималната плата не само 450 евра туку и повеќе е барање на работниците изнесено преку Сојузот на синдикати на Македонија. Мислам дека сите чинители во државата се согласни дека е потребен растот на платите. Се надеваме дека нашите аргументи кои ги имаме, особено поради нарушениот животен стандард во Македонија, постојаниот раст на минималната синдикална кошничка која од почетокот на годината досега е порасната за повеќе од 4800 денари, треба да бидат доволен мотив за покачување на минималната плата“, нагласи Трендафилов.
Како дополнителен ветер в грб на работниците трендафилов вели дека е растот на минималната плата во регионот. Тој и денес повтори дека е порасната минималната плата во Црна Гора меѓу 600 и 800 евра, минималните примања во Босна и Херцеговина ќе бидат 600 евра од почетокот на наредната година, а во Србија ќе бидат 454 евра.
„Сметаме дека сите заедно не треба да дозволиме да бидеме некаде на крајот, на опашката на Балканот со висината на платите во Македонија од една причина – да не ни се иселуваат оние работници кои останаа во Македонија“, вели претседателот на ССМ, Трендафилов.
Втората седница на Економско – социјалниот совет е во тек, а за она што ќе биде договорено, прес – конференција по завршувањето на седницата најави премиерот Христијан Мицкоски.
Текстот Трендафилов вели дека пари за раст на платите следната година има: Минималната плата не само 450 евра туку и повеќе е барање на работниците е превземен од МАКФАКС.