Бразил и Хрватска од 16 часот ќе ја отворат четвртфиналната фаза на 22. Светско првенство во фудбал. Најголемиот фаворит за титулата и актуелниот вицепрвак ќе се судрат на „Едукејшн“ стадионот во Ал Рајан. Натпреварот ќе го суди Англичанецот Мајкл Оливер.
Бразил и Хрватска низ историјата одиграле четири натпревари, два од нив се пријателски (2015 во Сплит 1:1 и 2018 во Ливерпул 2:0), два на светските шампионати (2006 во Германија 1:0 и 2014 во Бразил 3:1).
На тековниот Мундијал, кога станува збор за статистиката, Бразил и Хрватска се речиси израмнети. Примија по два гола досега, Бразил има постигнато два гола повеќе од Хрватска. Поседот на топката е незначително на страната на бразилските играчи, кои креираат нешто повеќе големи шанси на секој натпревар.
Значи традицијата и изданијата на ова СП се на страната на Бразил, а еден интересен податок вели дека секогаш кога на Хрватска и судат Англичани, а тоа досега се случило пет пати, натпреварите завршувале нерешено.