Од 1 септември се очекува Косово да почне да ја применува одлуката за реципроцитет со Србија, за регистарски таблички и лични карти. Министерот за внатрешни работи Џелал Свечла вели дека косовската полиција е подготвена да ја спроведе одлуката. Тој смета дека српските граѓани на северот ја разбрале потребата од спроведување на оваа одлука, која е корисна за нив. Спроведувањето на одлуката претходно, вели косовскиот министер за внатрешни работи, е попречено од криминалните структури кои се збогатија и зајакнаа со помош на Белград, за да се борат против проширувањето и владеењето и правото во таа област.

– Господине министер, добредојдовте на ова интервју на Алсат. Од 1 септември почнува примената на одлуката на Владата на Косово за реципроцитет, за регистарски таблички и лични карти. Дали косовската влада е подготвена за спроведување на оваа одлука, бидејќи во последно време по неколку пати го слушавме зборот дестабилизација. Дали има шанси за такво нешто?

„Владата на Република Косово одлучи да започне со спроведување на овие две одлуки, и без никакво двоумење ќе ги спроведеме тие одлуки. Станува збор за прашањето на документи за влез-излез на граѓаните на Србија во Косово, нешто што на граѓаните на Косово им се случува веќе 11 години. А втората одлука е транзиција на илегални регистарски таблички на автомобили, со легални таблички.

И ова е целосно правилна одлука и врз основа на досега постигнатите договори во Брисел. Да, имаше трендови на нестабилност од криминалните структури на север поддржани и диригирани од Белград и поттикнати од Москва. Но, убеден сум дека безбедносните институции на Косово, Министерството за внатрешни работи како носител на овој процес, се целосно зрели, подготвени и доволно силни да ги спроведат овие две одлуки”.

– Оваа одлука требаше да стапи на сила од 1 август, но беше одложена поради тензиите на северот. Што ако се повтори истата ситуација?

„Спроведувањето на овие две одлуки беше одложено за еден месец со цел граѓаните од српска националност на Косово да бидат што повеќе информирани за овие две одлуки. Ние и нашите меѓународни сојузници имавме чувство дека има зголемена злоупотреба на овие граѓани да бидат жртви на пропагандата на Србија и Русија, затоа оценивме дека е неопходно да се продолжи со овие кампањи за подигање на свеста. Веќе сум убеден дека нашите граѓани од српска етничка припадност кои се засегнати од прашањето за промена од нелегални на легални регистарски таблички се информирани за сите поволности што ги уживаат со почетокот на овој процес. Колку за информација, сите оние без никаков финансиски товар и со крајно поедноставени процедури, со многу малку формалности, ќе можат да применуваат легални регистарски таблички. Споредено со другите граѓани, ова е заштеда од 5-6 илјади евра по автомобил”.

-Спомнавте криминални структури. Што прави косовската полиција, дали има акционен план за контрола на овие криминални структури, дали досега сте биле успешни и дали верувате дека ќе биде успешна до 1 септември и нема да се повтори дестабилизацијата?

„Секако дека успесите се очигледни. Ние на север веќе имаме сосема поинаква ситуација, незамислива од порано, што се однесува до владеењето на правото и редот. Нашата полиција таму се справуваше со криминални групи кои се етнички мешани, има Албанци, Срби, Бошњаци и други етникуми. Како резултат на моќната секојдневна работа на косовската полиција, откривме многу нарко лаборатории, или локации каде се одгледуваат различни видови на дрога, но и мини-фабрики за криптовалути, што е незаконска дејност бидејќи струјата на таа област дури не се ни плаќа, и шверц на разновидна стока особено акцизна стока. Сите овие успеси ги попречија криминалните групи, ги попречија паралелните структури на Србија, попречиле на Србија и затоа имаме реакција која последен пат ја видовме на 31 јули – 1 август. Но, ние сме решени дека мора да се продолжи владеењето на правото и редот и тоа секојдневно го докажуваме со нашата работа. И убеден сум дека и тие разбраа дека нема друга алтернатива освен да се потчинат на законот како секој друг граѓанин на Република Косово“.

– Официјални лица на Србија велат дека Србите на север се дискриминирани, дека Владата на Косово ги користи за дезинформирање на јавноста, за уште повеќе да се поттикнуваат. Која е вистината зад ова и дали сте фокусирани таму овие тврдења да добијат друга форма?

„Внимателно ги следиме сите изјави на различни политичари од Србија. Да ви кажам искрено, не само што се истите луѓе, туку е истиот јазик од доцните 80-ти и раните 90-ти. Истите луѓе кои предизвикаа четири војни во регионот, продолжија да владеат со Србија, сега се вратија на старата шовинистичка реторика и преку ова се обидуваат: под еден; да прикажат целосно лажна слика за ситуацијата во Косово и под два; да се мобилизираат радикални елементи во српското општество за потоа тие да бидат злоупотребени. Не станува збор за каква било дискриминација. Со нашите активности не сме насочени против ниту еден граѓанин, без разлика на етничката или која било друга припадност, косовската полиција едноставно е тука за да ја исполни својата уставна должност, а тоа е воспоставување ред и мир, а тоа го прави успешно без никаква дискриминација, без никаков инцидент со граѓаните од тој дел или кој било друг дел”.

-Колку се безбедни косовските Албанци на север?

„Верувам дека се безбедни. Имаме доволно механизми да обезбедиме, гарантираме безбедност и благосостојба за сите граѓани на Република Косово, вклучително и Албанците на север”, додаде Свечла./Alsat.mk