Струга Трим Лум е единствената екипа во новата сезона од Првата фудбалска лига на Македонија која се уште нема пораз во првите 6 кола. Стружани ја демолираа Академија Пандев со 3-0, благодарение на головите на Шабани, Мерџани и Ибраими. Ибраими го постигна петтиот гол сезонава и сега го држи првото место во листата на стрелци. Во 7 коло Трим Лум на домашен терен ќе игра со Скопје.

По поразот од Струга Трим Лум со 0-3, екипата на Академија Пандев го разреши тренерот Ѓорѓе Стојчев. Ова беше трет пораз за струмичани во првите шест кола, со што се наоѓаат на петтата позиција со само 7 бодови. Домашните медиуми пренесуваат дека Александар Васовски е најсериозен кандидат за клупата на тимот од Струмица, додека официјализирањето се очекува да се случи во вторник.

По заминувањето на Гоце Седлоски од ФК Шкупи и Ѓорѓе Стојчев од Академија Пандев, оставка понуди и Влатко Костов. Но, челниците на Тиквеш се уште ја немаат констатирано оставката, додека во среда кога Тиквеш ќе се сретне со ФК Шкупи официјално ќе дознаеме дали тимот од Кавадарци ќе го води Костов или друго име.

Екипата на Шкендија одигра само реми 1-1 против Македонија Ѓорче Петров, во првиот предизвик одржан на стадионот во Тетово. Според неофицијални информации сегашното претседателство е пред заминување и се очекува Замир Дика да го замени Бесник Ибрахим за нов претседател. Останува да се види дали ќе има нови случувања во „црвено-црниот“ тим во наредните денови.

Прикажи повеќе