Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) ја осуди одлуката на косовските власти да му забранат влез во земјата на дректорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ, и побара итна реакција од Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата официјална страница на Фејсбук, СЛ изрази разочараност поради „молкот на меѓународната заедница, која е најповикана да реагира на овие провокации“ и прашува „дали ова молчење е знак на одобрување“.

– Српска листа најостро ја осудува одлуката на Приштина да му оневозможи на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ денеска да ги посети загрозените српски домаќинства во Косово и Метохија и ја повикува Европската унија итно да реагира на флагрантното кршење на Бриселскиот договор, но и на тековините на ЕУ за слобода на движењето, се вели во реакцијата на СЛ, која е дел од косовската Влада.

Министерката за ндворешни работи на Косово Мелиза Харадинај-Стубла денеска соопшти дека го одбила барањето на Петровиќ за влез во земјата.

– Додека Србија продолжува да се однесува деструктвивно, со кршење на договорите, малтретирања, арбитрарни апсења и илегално приведување на косовските граѓани (последниот случај е од минатата недела), користејќи нелегални шверцерски канали за внесување сомнителни „вакцини“ во Косово (…), зголемувајќи ги провокациите, заканите, ниските однесувања и валканите игри кои носат несигурност и дестабилизација во регионот и пошироко, нека останат подалеку од Косово, порача Харадинај-Стубла.