Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски.
Главен фокус на дискусијата беа можностите за имплементација на проекти за енергетска ефикасност, како и потребата од унапредување на енергетската инфраструктура во општината со цел обезбедување енергетска стабилност и одржлив развој на локалните заедници.
Македонска Каменица, како рударски регион со значителен енергетски потенцијал, беше истакната како пример за локален развој кој може да придонесе кон националните енергетски цели.
Општините се клучен партнер во напорите за одржлива енергетска трансформација, потенцираше министерката Божиновска. За исполнување на националните приоритети потребно е преку заеднички проекти и поддршка да ги модернизираме локалните енергетски системи и да создадеме нови можности за развој на рударството во согласност со највисоките еколошки стандарди,
Градоначалникот Атанасовски ја истакна потребата од продолжување на инвестициските активности за подобрување на инфраструктурата во Македонска Каменица за да се обезбеди подобар квалитет на живот за граѓаните и посилен економски развој на регионот, потенцираше Атанасовски.
Министерството за енергетика останува посветено на развојот на локалните заедници преку инклузивен пристап и проекти кои носат долгорочни придобивки за граѓаните.