Министерот за здравство Венко Филипче, денеска беше во посета на Кавадарци по повод донација од Фондацијата „Никола Јанчев” во висина од еден милион денари за обезбедување централен довод на кислород за модуларната болница во Општата болница со проширена дејност Кавадарци.
Во присуство на градоначалникот Митко Јанчев и директорот на болницата Диме Коцев, министерот Филипче се заблагодарил за овој чин на висока општествена одговорност и посочил дека благодарение на препознавање на важноста во овој момент ќе се помогне таму каде што е најмногу потребно, а тоа е здравствениот систем.
Болницата во Кавадарци, стои во денешното соопштение од Министерството за здравство, со години наназад е позната по својата експертиза. Покрива регион од над 100 илјади жители, не само од Кавадарди, туку од сите околни градови.
– Навистина вложивме многу. Се обезбедија голема сума на средства за зголемување на платите и дежурствата. За првпат се направи сервис и служба на дежурни специјалисти, нешто што не беше на располагање претходно. За првпат почна да се имплементира моделот којшто планираме да го продолжиме на територија на целата држава, а тоа е интегрирање на здравствените установи, со цел работата да се рационализира. На пациентите да им се олесни пристапот и да се искористи целокупниот кадар. Во финална фаза е и постапката за набавка на компјутеризирана томографија и на почетокот на следната година ќе биде инсталиран за првпат во оваа болница, што сериозно ќе го олесни пристапот до оваа услуга на сите граѓани кои гравитираат во болницата во Кавадарци. Прилично се напреднати и подготвителните работи за поставување на модуларната болница, потенцирал министерот Филипче, се наведува во соопштението од МЗ.
Тој информирал дека е обезбедена сума на средства како еднократна награда за сите здравствени и нездравствени работници кои работат со пациентите заболени од Ковид-19. Таа награда ќе им биде доделена пред новогодишните празници во висина од 30 илјади денари.
Филипче упатил апел до граѓаните кои денеска го слават верскиот празник Св. Никола, со негрупирање во домовите да помогнат на здравствениот систем во борба со коронавирусот.
– Апелирам, овој празник денеска да го прославиме не како што знаеме традиционално со собири. Да останеме сите дома, да помогнеме со негрупирање да се надмине и овој ризик во склоп на оваа криза. Верувам дека новите мерки ќе дадат уште подобри резултати. Се намалува бројот на пациентите којшто се примаат во болниците и верувам дека граѓаните со својата свест и совест сериозно ќе помогнат на здравствените работници. Уште еднаш голема благодарност на семејството Јанчеви со тоа што покажаа како се негуваат семејните вредности, трета година по ред инвестираат таму кадешто е најмногу потребно, претходно во младите, во стипендии за образование, а сега во поддршка на нашите здравствени работници, рекол Филипче.