Глобалната климатска конференција КОП27 (COP27) во Египет е продолжена до утре со цел да се решат несогласувањата за клучните прашања, јави ДПА.

Advertisements

Двонеделната конференција за климата, позната како КОП27, требаше да заврши денеска во египетското одморалиште Шарм Ел Шеик, но египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, претседавач со конференцијата, кажа дека таа ќе биде продолжена за да се овозможи повеќе време за разговори во услови на поделби меѓу преговарачите собрани во градот на Црвеното Море.

-Денеска мораме повторно да ја смениме брзината. Времето не е на наша страна, рече Шукри. „Останувам посветен конференцијата да заврши утре “, додаде тој.

Шукри кажа и дека „глобалната заедница бара од нас да бидеме храбри и амбициозни“.

-Ни претстои многу работа. Затоа, брзо да се вратиме на проблемите, додаде тој.

Трнливото прашање во фокусот на разговорите предводени од ОН е плаќањето на компензација за штетата предизвикана од климатските промени во посиромашните земји.

Делегатите на конференцијата веќе се согласија за првпат на дневен ред да се стави и ова прашање, познато како финансирање загуби и штети.

Земјите во развој долго време бараат создавање на финансиски механизам за компензација на климатските штети во земјите со ниски приходи.

Европската унија ја сигнализираше својата подготвеност за компромиси за финансирањето на ранливите земји.

-Формирањето фонд за климатски штети не е преферирана опција за ЕУ, но тоа е чекор кон исполнување на барањата на земјите во развој, изјави денеска највисокиот функционер за климата во Унијата, Франс Тимерманс.