Кабинетот на првата дама, Меланија Трамп, реагира на медиумските шпекулации за односот на американскиот претседател Доналд Трамп со неговата асистентка Натали Харп, оценувајќи ги медиумските извештаи како „смешни“.
Харп е една од најдолгогодишните и најлојални соработнички на Трамп, а позната е и по прекарот „човечки печатач“, бидејќи речиси секогаш со себе носи лаптоп и пренослив печатач.
Иако главно е далеку од вниманието на јавноста, нејзиното име неодамна почна почесто да се споменува откако сенаторот од Џорџија, Џон Ософ, во еден говор изјави дека Трамп „сака да ја гради својата сала и да патува со Натали“.
Подоцна, кога во емисијата „The Briefing“ на MSNBC беше замолен да ја појасни изјавата, Ософ не ја именуваше директно Харп. Тој го обвини Трамп дека се повлекува „во меур од асистенти од Западното крило кои му служат како утеха и прават да се чувствува добро во сопствената кожа“, навестувајќи дека Харп е една од тие лица.
Слични тврдења изнесе и Меги Хаберман од „Њујорк тајмс“, која рече дека Харп го добила прекарот „Бинки“, англиски израз за цуцла, бидејќи наводно е личност која на Трамп му дава чувство на сигурност.
Марк Бекман, претставник на првата дама Меланија Трамп, остро ги отфрли ваквите тврдења.
„Либералните медиуми се смешни. Тие не знаат ништо за личниот и приватниот живот на првата дама. Дури и не се трудат да нè повикаат во програмите за да ги претставиме неверојатните успеси што ги постигна првата дама“, изјави Бекман во разговор со Стела Ингер Ескобедо.
Тој ги повика новинарите да се преиспитаат, додавајќи дека Харп е „вредна, многу талентирана и интелигентна личност“.
„Опседнати се со озборувања за првото семејство. Од прва рака можам да ви кажам дека е време да станат новинари и да престанат да се занимаваат со гласини“, рече Бекман.
Тој додаде дека медиумите не ги знаат фактите за приватниот живот на првата дама и на семејството Трамп и дека наместо да известуваат за нивните достигнувања во изминатата година и половина, упорно се занимаваат со озборувања.
Во меѓувреме, неодамна објавените финансиски извештаи на администрацијата на Трамп покажуваат дека претседателот им доделил парични подароци на четворица вработени во Белата куќа. Меѓу нив е и Натали Харп, која добила 45.000 долари.
Претставник на Белата куќа за Би-Би-Си изјавил дека Трамп има долгогодишна практика да им подарува божиќни подароци на луѓето од своето опкружување, што понекогаш вклучува вработени и асистенти, како во владата, така и во периодот кога работел во приватниот сектор.
Тој нагласил дека подароците немаат никаква врска со службените должности на лицата што ги добиле и дека се целосно дозволени според важечките правни и етички стандарди.
Текстот Тимот на Меланија реагира на гласините за наводната афера на Трамп со асистентката е превземен од МАКФАКС.














