Германскиот канцелар Олаф Шолц вели дека ќе има последици доколку Кина ѝ испрати оружје на Русија за војната во Украина, но тој е оптимист дека Пекинг ќе се воздржи од тоа.
Коментарите на Шолц се во интервју за Си-ен-ен, два дена откако тој се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон.
Американските власти неодамна предупредија дека Кина може да излезе од маргините и да почне да обезбедува оружје и муниција за Москва. Пред неговото патување, Шолц го повика Пекинг да се воздржи од испраќање оружје и наместо тоа да го искористи своето влијание за да ја притисне Русија да ги повлече своите трупи од Украина.
Запрашан дали може да замисли да има санкции за Кина ако ѝ помогне на Русија, Шолц одговори дека сега се во фаза кога кажуваат дека тоа не треба да се случи.
„Мислам дека тоа би имало последици, но сега сме во фаза кога јасно ставаме до знаење дека тоа не треба да се случи, и јас сум релативно оптимист дека ќе бидеме успешни со нашето барање во овој случај, но ќе мора тоа да го разгледаме и мора да бидеме многу, многу претпазливи“, одговори Шолц.