Шефот на СЗО: Војната во Газа има катастрофални последици по здравјето

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека војната во Газа меѓу Израел и Хамас има „катастрофални“ последици по здравјето.

СЗО свика специјална седница за здравствените состојби на палестинските територии и нејзиниот шеф рече дека здравствениот систем таму пропаднал а лекарите се пред невозможна работа, соопшти ОН.

„Здравствените последици од конфликтот се катастрофални и здравствените работници даваат се од себе во незамисливи услови“, истакна Тедрос Габрејесус, генерален секретар на СЗО, на отворањето на состанокот во Женева.

Тој предупреди дека со оглед на тоа што се повеќе луѓе се преселуваат на помала територија, пренаселеноста, заедно со недостатокот на соодветна храна, вода, засолниште и санитарни услови, создаваат идеални услови за ширење на болести.

Габрејесус ги спомена загрижувачките знаци на епидемии на болести кои, се чини, ќе се влошат со влошувањето на ситуацијата и доаѓањето на зимата.

„Здравствениот систем во Газа е на колена и пропаѓа“, нагласи шефот на СЗО, додавајќи дека само 14 од 36 болници работат со дел од нивниот капацитет, а две од тие институции се наоѓаат на север од крајбрежната област.

Сега има само 1.400 од 3.500 болнички кревети, колку што имало пред војната, а двете главни болници на југот на Појасот Газа можат да искористат третина од нивниот првичен капацитет на кревети и остануваат без залихи и во нив се засолниле илјадници раселени лица.

Г. Т.