Селекторот Игор Ангеловски соопшти дека откако ја прегледал снимката, одлучил да го отстрани напаѓачот Илија Несторовски за пресметката со Германија на 30-ти март. Одлуката доаѓа откако напаѓачот на Удинезе, во директен тв пренос, по голот против Лихтенштајн (5:0) пцуеше. Иако Несторовски се извини и рече дека навредата била наменета за три лица кои се заканувале на него и неговото семејство, сепак селекторот Ангеловски донесе одлука бидејќи како што вели вакво однесување е неприфатливо.

Сепак, се поставува прашање кој ќе го замени Несторовски. Засега нема одлука за повикување на друг фудбалер, а најверојатно од првата минута со Горан Пандев ќе започне Александар Трајковски кој на два меча, против Романија и против Лихтенштајн постигна три голови. Ја тресеше мрежата на гостински терен на Романија, а против Лихтенштајн во победата од 5:0 постигна два голови. Ова покажува дека Трајковски е во добра форма, па сигурно дека со Пандев ќе го сочинува нападот против Германија. Мечот се игра на 30-ти март во Дуизбург со почеток во 20:45 часот.