Комисијата за заразни болести препорачува укинување на носење маските во затворен простор, со исклучок на здравствените објекти, јавниот превоз, старечките домови и аптеките.
Но, останува силна препорака за возрасните, хронично болните и лицата со имунокомпромитирачки болести.
Причина зошто останува обврската за носење маски во здравствените објекти, јавниот превоз, старечките домови и аптеките е што таму има голема можност за ширење и пренос на вирусот.
Ова препорака за неносење маски важи и за наставниот и другиот кадар во училиштата каде за учениците веќе не е задолжително носење на маските, а за средните училишта се уште е препорака која не е помината на Главниот кризен штаб и со тоа не е стигната ниту до Владата.
Комисијата на денешната седница одлучила да препорача и укинување на епидемиолошкото следењето на контактите од потврдени случаи и изолацијата од контакти. Останува изолацијата за заразените.
Денешните препораки, како што велат од Комисијата, се бидејќи проценката е дека епидемиолошката состојба се подобрува.
Претседателот на Комисијата Александар Петличковски рече дека ова не значи дека пандемијата е завршена и дека се работи на мерки за евентуално влошување на состојбата. Тој најави поинтензивна вакцинална кампања и ќе следуваат препораки и објаснувања на предностите на вакцините во следниот период.