Во петок, 3 февруари во Киев ќе се одржи самит меѓу Украина и Европската Унија, во време кога земјата безмалку една година е под инвазија на Русија.

„Самитот Украина – ЕУ ќе се одржи во Киев на 3 февруари. Фактот дека овој самит ќе се одржи во Киев е силен сигнал и за партнерите и за непријателите“, рече премиерот на Украина, Денис Шмигал, на владиниот состанок на 31 јануари, оценувајќи дека тоа е исклучително важен настан за обидот на Киев да се приклучи на европскиот блок.

Не беа дадени детали за тоа кој сè ќе присуствува на самитот.

Премиерот на Украина рече дека фактот што самитот ќе се одржи во завојуваниот Киев треба да ѝ покаже на Русија дека нејзините напори да сее раздор меѓу западните сојузници и да го спречи влезот на Украина во ЕУ се залудни. Тој додаде дека во четврток, на 2 февруари ќе се случи уште еден клучен настан кога за првпат во историјата на Украина ќе се одржат консултации меѓу украинската влада и Европската комисија.

Во јуни минатата година Украина доби кандидатски статус за членство во ЕУ.

Украинскиот премиер, како што објави Политико, сe надева дека неговата земја ќе го обезбеди своето место во Унијата во рок од две години.

Прикажи повеќе