Европската унија и Украина ќе одржат самит на 3 февруари во Киев, а не во Брисел и ќе разговараат за европската финансиска и воена поддршка, соопштија од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Advertisements

Зеленски разговараше за таа средба на високо ниво со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во првиот телефонски разговор годинава.

Одлуката за средбата во Киев става крај на шпекулациите за можно ново патување на претседателот Зеленски во странство по неговата посета на Вашингтон во декември.

Европскиот парламент минатиот месец најави нова помош за Украина вредна 18 милијарди евра, која вклучува и испораки на „соодветно” оружје.

Украинскиот претседател инсистираше првата рата да ѝ биде исплатена на неговата земја во јануари.

Самитот на 3 февруари нема да ги собере шефовите на држави и влади туку ќе учествуваат само Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, за што веќе најави портпаролот на Мишел.

Во декември Европскиот парламент прифати правен пакет со кој се овозможува финансирање на Украина, кој вклучува данок од најмалку 15 отсто на приходот на мултинационалните компании.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди поддршката на Европската Унија (ЕУ) за Украина во војната што ја започна Русија на 24 февруари минатата година.