Утре во Киев ќе се одржи самитот на ЕУ, прв ваков собир на највисоките претставници на Европската Унија од почетокот на руската инвазија. По тој повод денеска и утре во Киев ќе пристигнат повеќе од 10 високи претставници на ЕУ, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Претставниците на Европската Унија пристигнуваат во Киев со ветувања за поголема воена, финансиска и политичка помош, симболично патување кое треба да ја нагласи поддршката за Украина како што се приближува првата годишнина од руската инвазија.

На самитот ќе се разговара за испраќање дополнително оружје и пари во Украина, зајакнување на пристапот на украинските производи на европскиот пазар, помош на Украина да ги покрие своите енергетски потреби, воведување нови санкции против Русија, одговорност на руските лидери за војната и можност за проширување на европската зона без роаминг до Украина.

Но, во исто време, желбата на Украина за брз влез во Европската унија ќе остане без внимание. Имено, ЕУ не само што очекува повеќе антикорупциски мерки од Украина, туку и не сака да прифати за членка земја во која беснее најголемиот вооружен конфликт од Втората светска војна.

Прикажи повеќе