Обезбедивме одредени количества терапија за болните од рак. Тоа е биолошката терапија и тоа е за одредени пациенти. Не можеме да користиме биолошка терапија за кој било пациент со канцер, а знаејќи ја и финансиската можност на нашите институции, па и на државата особено во овие околности, ние правиме иследување на пациенти, односно групирање на пациенти по потреба и одредување на терапијата, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој посочи дека биолошката терапија не одговара за секој пациент, а стандардната терапија, која ја имаме се користи во цел свет за пациенти кои имаат канцер.

– Во тој дел треба да направиме една јасна дистинкција за кого која терапија е најпотребна. Се грижиме за здравјето на секој пациент. Како Министерство и како Институт за онкологија не можеме да направиме разлика меѓу пациенти кои имаат потреба да не им се дава таа современа терапија или, пак, на други на кои им треба стандардната терапија, а ние да им даваме поскапа терапија без потреба, додаде Сали, одговарајќи на новинарски прашања по обуката по прва помош наменета за ученици од СЕПУГС „Арсени Јовков“ во Скопје, во рамки на кампањата на Црвениот крст.