Околу 6.000 административци место привремено ќе добијат вработување на неопределено време со предлог-законот за трансформација во редовен работен однос. Оваа бројка лица на кои би им бил решен проблемот, кои со години работат со договор на дело, хонорарно, со авторски договори или преку агенции за привремено вработување, денес ја кажа премиерот Христијан Мицкоски.
„Во речиси сите сектори бројката е околу 6.000 вработени лица коишто се под договори на дело, под времени вработувања и така натаму“, кусо одговори премиерот Мицкоски денес на прашање за бројката административци кои ќе бидат опфатени со предлог-законот за трансформација во редовен работен однос.
Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос вчера го претстави Бојан Стојаноски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и кажа дека со предложеното решение се исправа децениска неправда.
Решението ги опфаќа органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот. Од ова законско решение се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
















