Прекумерниот внес на сол е познат ризик за висок крвен притисок, но неодамнешните истражувања покажуваат дека исхраната богата со натриум може директно да му наштети на црниот дроб.
Научниците предупредуваат дека солта може да го промени начинот на кој црниот дроб ги обработува мастите, да стимулира воспалителни процеси и да го зголеми ризикот од сериозни заболувања на овој орган. Иако се потребни дополнителни истражувања, научниците советуваат претпазливост со внесот на сол со цел да се зачува здравјето и функцијата на црниот дроб, пишува “Ve ywell Health£.
Иако бубрезите се првенствено одговорни за преработка и регулирање на натриумот, количината на внесена сол влијае и на други органи, вклучувајќи го црниот дроб, срцето и мозокот.
„Бубрезите контролираат колку натриум задржува телото, но тоа не значи дека црниот дроб е заштитен“, објаснува д-р Брајан П. Ли, хепатолог и лекар за трансплантација на црн дроб во болницата „Кек Медисин“ во Лос Анџелес.
„Натриумот влијае на крвниот притисок, рамнотежата на течностите, инсулинската резистенција и цревната микрофлора, од кои сите го оптоваруваат црниот дроб на различни начини“, додава тој.
Неодамнешна студија покажа дека исхраната богата со масти и натриум може да го зголеми воспалението и лузните на црниот дроб. Воспалението и лузните се клучни фактори на ризик за развој на посериозни состојби, како што се цироза, откажување на црниот дроб и рак.
„Ова е важно бидејќи мастите во самиот црн дроб се претежно безопасни. Воспалението што ја придружува акумулацијата на масти всушност предизвикува лузни, што доведува до цироза, откажување на црниот дроб и рак“, вели Ли.
Сепак, Ли предупредува дека овие наоди не треба да се прифаќаат без резерва, бидејќи истражувањата врз луѓето се уште се во тек.
„Ова беше студија врз глувци, па затоа би бил внимателен во директното пренесување на заклучоците врз луѓето. Многу наоди добиени од истражувања врз глувци не се потврдени кога се тестирани врз луѓе“, додава тој.
Истражувањата сугерираат дека премногу сол може да придонесе за воспаление и лузни дури и ако не доведе до дополнителна акумулација на масти.
„Тоа откритие ми го привлече вниманието бидејќи е многу слично на она што го гледаме кај некои слаби пациенти кои не се со прекумерна тежина, но имаат полоши исходи кај стеатотична болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција (MASLD)“, истакнува Ли.
Новите истражувања покажуваат дека солената храна може да предизвика воспаление и лузни, зголемувајќи го ризикот од развој на болеста. Сепак, што се случува кога лице кое веќе има заболување на црниот дроб консумира големи количини на натриум?
Одговорот зависи од видот и стадиумот на болеста. MASLD е состојба која вклучува акумулација на вишок маснотии во црниот дроб кај луѓе кои консумираат малку или воопшто не консумираат алкохол.
„Во раните фази на MASLD, главниот проблем е што солта може да предизвика висок крвен притисок и воспаление. Ова, теоретски, би можело да го забрза напредувањето на болеста“, вели Ли.
Ако болеста напредува или лицето има посериозна состојба, како што е цироза, последиците од исхраната богата со натриум стануваат уште поизразени.
„Кај цирозата, може да има зголемен притисок во крвните садови што водат до црниот дроб, што се нарекува портална хипертензија“, објаснува Ли.
„Во таа фаза, солта станува особено штетна бидејќи предизвикува акумулација на течности во желудникот и целото тело“, додава тој.
Ако сте загрижени за внесот на натриум, неколку едноставни промени во животниот стил можат да направат голема разлика. Добар почеток е следење на храната што ја јадете секој ден.
„Многу луѓе се изненадени од фактот дека лебот е најголемиот извор на натриум во исхраната“, вели Ли.
Според него, по нив следат сушени месни производи, сирења, супи од кесичка, сосови за тестенини, преливи за салати, соја сос, кисела храна и повеќето јадења што се служат во рестораните.
Ли, исто така, објаснува дека дури и храната што ја сметаме за здрава може да содржи големи количини на натриум. Таквата храна вклучува свежо сирење, сокови од зеленчук и конзервиран грав.
На телото му е потребна одредена количина на натриум за нормално функционирање, а најдобро е да го внесувате преку цела, минимално преработена храна.
„Свежиот зеленчук, овошјето, несолените јаткасти плодови, јајцата, свежото месо, рибата и обичните млечни производи природно содржат мали количини на натриум, што е сосема доволно“, вели Ли.
„Имајќи предвид колку сол има во рестораните и готовите производи, подготовката на храна дома со свежи состојки може да биде многу ефикасна промена“, додава тој.
Други навики, како што се контролирање на внесот на алкохол, редовно вежбање и одење на лекарски прегледи, се исто така важни.
„Колку помалку алкохол, толку подобро, бидејќи нема количина што е целосно безбедна за црниот дроб“, истакнува Ли.
Тој им советува на луѓето кои имаат фактори на ризик, како што се дијабетес, дебелина или честа консумација на алкохол, да разговараат со својот лекар за преглед за проценка на фиброзата на црниот дроб.
„Заболувањата на црниот дроб може да се излечат ако се откријат на време“, заклучува Ли.
















