Уште еден неидентификуван објект е соборен, потврди канадскиот премиер Џастин Трудо.

Тој рече дека најновиот објект „го нарушил канадскиот воздушен простор“ и бил соборен над Јукон во северозападна Канада.

Канадските и американските воени авиони биле во заедничка акција за да го пронајдат и срушат објектот.

Трудо потврди дека ја дал наредбата за уривање и дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Тие зборувале за важноста да се утврдат повеќе детали за намената и потеклото на објектот.

Најновиот неодреден објект летал над централен Јукон на околу 12 000 метри и бил пресретнат околу 15:41 часот по локално време вчера, изјави за новинарите министерката за одбрана Анита Ананд.

Таа го опиша како „мал“ и „цилиндричен“, и кажа дека сè уште се вршат напори за да се откријат повеќе детали.

Белата куќа соопшти дека објектот бил следен и надгледуван „во последните 24 часа“.

Тоа е трет објект што е соборен над Северна Америка во последната недела. Американската војска минатиот викенд уништи и кинески балон, а во петокот неодреден објект со големина на мал автомобил беше соборен кај Алјаска./360stepeni/