Американските власти најавуваат дека ќе ја забранат социјалната мрежа за споделување видеа Тик-ток доколку кинеската компанија која е сопственик на платформата не се повлече од сопственичката структура и не ги продаде акциите, јавуваат светските медиуми.

Барањето за промена на сопственоста првично беше објавено од „Волт стрит џурнал“, а дека САД имаат ваква намера потврдиле за Би-би-си од кинеската компанијата „Бајт денс“, која е сопственик на Тик-ток.

Тик-ток подолг период се соочува со обвинувања од страна на американските власти, но и од други западни влади дека претставува ризик за безбедноста поради одлевање податоци собрани од милионите корисници кои можат да завршат во раце на кинеската влада.

Засега сè уште нема коментар од Белата куќа во врска со наводите на „Волт стрит џурнал“.

Според весникот, Комитетот за странски инвестиции на Соединетите Држави (CFIUS), кој ги надгледува ризиците за националната безбедност, едногласно препорачал излегување на „Бајт денс“ од сопственичката структура на Тик-ток.

Портпаролот на Тик-ток не ги негирал наводите на „Волт стрит џурнал“ и потврдил дека компанијата била контактирана од CFIUS.

Сепак, портпаролот, како што пишува Би-би-си, посочил дека има одредена доза пренегласеност во известувањето и дека не е јасно што значи терминот „продавање“ во пракса.