Сѐ уште не се знае колку државјани на РСМ чекаат на евакуација од Украина. Има македонски државјани во брак со украински државјани за кои министерот Османи рече дека е понудена помош и сместување во Македонија.

Во однос на мерките кои земјава ги презема за заштита на границите од можни напади, Османи вели дека во моментов нема директна закана и додава дека имаме среќа што сме членка на НАТО.

„НАТО е должно да го заштити секој квадратен метар од својата територија. Нашата територија е територија и на НАТО. Меѓутоа, со подготовки имаме почнато уште одамна, откако ги добивме првите информации за можна ескалација во Украина и ги понудивме капацитети кои ги имаме за да се приклучиме во процесот на колективна одбрана на НАТО“, посочи Бујар Османи.

Османи информира дека почнал и процесот на евакуација на дипломатите преку безбедносен коридор кон Полска. Евакуирани се и 30 набљудувачи на ОБСЕ и едно семејство.

„Некаде пред половина час, успеавме да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија. Исто така денеска успеавме да ги евакуираме нашите монитори во рамки на специјалната мониторинг мисија. Знаете дека имавме 30 монитори таму. Дел од нив се упатени кон Молдавија, и дел од нив кон Полска. Едно семејство случајно е придружено со дел од мониторинг мисијата на ОБСЕ“, додаде Бујар Османи.