Градоначалникот на Град Скопје, вечерва, заедно со градоначалникот на Општина Есенлер, Турција, Мехмет Тевфик Гоксу, го пуштија во употреба новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост, во присуство на амбасадорот на Турција, Н.Е. Алпер Акташ, извршниот директор на Халк Банка, Фатих Шахбаз и почесниот конзул, Ајдован Адемоски.

„Постојат места на кои секогаш им се враќаме, затоа што во нив препознаваме дел од себе. За скопјани, такво место е Камениот мост. Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот.

Над Вардар, меѓу двата брега, стои нашата заедничка гордост. Вечерва, таа гордост повторно блеска! Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот. Уште една причина да застанеме, да погледнеме и да си кажеме, колку убаво Скопје имаме! Дополнително, осветлени се и другите два моста кои подолг период не беа во функција. Токму таа убавина сме должни да ја чуваме“, порача градоначалникот на Скопје.

„Со посветеност, со одговорност и со конкретни дела. Секое обновено обележје е почит кон оние што ни го оставиле и влог за оние што доаѓаат по нас. Овој проект произлезе од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер. Од договорена соработка до светлина што вечерва ја гледаме сите – така се гради пријателство што остава трага“, кажа Ѓорѓиевски.