Поранешниот репрезентативец на Украина, Руслан Ротан ќе влезе во историјата на светскиот фудбал, бидејќи има три ангажмани во исто време. Ротан е актуелен тренер на украинскиот прволигаш Олександрија, а покрај тоа е селектор и на У21 репрезентацијата на Украина. Сега ја прифати третата покана. Тој ќе биде селектор на украинската сениорска репрезентација до средината на 2024 година, кога ќе му започне договорот на Сергеј Ребров.
Така, Ротан стана првиот тренер во професионалниот фудбал кој раководи со три екипи истовремено, од кои две се национални селекции. Украинците се одлучија за оваа необична ситуација поради актуелните воени настани во оваа земја. Тешко е да се ангажираат тренери однадвор, а некои од фудбалските тренери ја напуштија земјата за време на војната што започна во февруари 2022 година.
Што се однесува до Ротан, тој ќе ги предводи Украинците во квалификациите за ЕВРО 2024, а Украина е во група со Англија, Италија, Македонија и Малта.
Нема сомнеж дека ќе има тешка задача да ги одведе Украинците на Европското првенство. Што се однесува до Олександрија, тие во моментов се петтопласирани во Премиер лигата на Украина со 25 бода, десет помалку од лидерот Днипро-1.