Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека тој и косовскиот премиер Албин Курти имаат „различен пристап кон Србија“, но дека и двајцата имаат иста цел – да ги обединат Албанците, пренесе Бета, повикувајќи се на КосСев.

Рама порача дека Србија треба да го признае Косово и „да побара прошка“, а на крајот од процесот на дијалог со Србија, Албанците „треба да се обединат“, и дека тие тоа мора да го сторат.

„Навистина имаме многу добри односи, нашите состаноци се инспиративни, одличен хумор, многу се смееме. Имаме различни пристапи кон Србија, но иста цел“, рече Рама на албанската ТВ Клан.

 Рама ова го изјави откако косовскиот премиер само ден претходно му порача дека не треба да се надева на српскиот претседател Александар Вучиќ.

На новинарско прашање „дали Албанците ќе се обединат“, Рама рече дека тоа мора да го направат.

„Албанците мора да се обединат. Да, секако Албин го сака истото, но јас поинаку размислувам за патот до таму, Албин размислува поинаку. Но, Албин е премиер на Косово и тој треба да избере, му посакувам се најдобро и нека разбере дека можеби грешам“, рече Рама.