Противењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на идејата за идна суверена палестинска држава е „разочарувачко“, изјави денеска портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак, потврдувајќи ја британската поддршка за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.

Нетанјаху и американскиот претседател Џо Бајден не постигнаа договор за идното создавање на независна палестинска држава, а Нетанјаху во текот на викендот рече дека нема да направи компромис за „целосна израелска контрола врз безбедноста на целата територија западно од реката Јордан“.

Прашан за забелешките на Нетанјаху, портпаролот на Сунак им рече на новинарите: „Разочарувачки е да се слушне тоа од премиерот на Израел“.

„Позицијата на Обединетото Кралство останува таква (дека) решението со две држави, со одржлива и суверена палестинска држава која ќе живее заедно со еден безопасен и безбеден Израел, е најдобриот пат кон траен мир“, рече портпаролот.