Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски денеска беше домаќин на делегацијата од Општина Струмјани, Република Бугарија предводена од градоначалникот Емил Илиев и претставници на Советот на оваа општина. Тие денеска беа во возвратна посета на Општина Берово, како резултат на соработката помеѓу Советите на двете Општини.

Во изјавата за МИА Пекевски упати благодарност за посетата на делегацијата и досегашната соработка, која резултира со реализација на повеќе проекти, од двете страни на границата.

-Верувам дека соработката со Општина Струмјани ќе продолжи со уште посилно темпо и ќе биде унапредена. Во рамки на соработката на двете општини, како што истакна градоначалникот Илиев, аплицирано е на проект за развој на туризмот, во кој учествуваат четири општини: Берово, Струмјани, Струмица и Петрич, повик кој се уште е во тек, а се однесува за Програмата до 2027 година, рече Пекевски.

Градоначалникот на Струмјани Емил Илиев на домаќините им го честиташе денешниот празник Источен Петок Балаклија, кој во Берово се нарекува Беровска Богородица.

-Искрено се радувам што денес сме во Берово за да се разменат добрите практики на двете општини, во работата. Сите знаеме дека заедничка цел на двете општини е отворање на граничниот премин Клепало и затоа можеме да кажеме дека работите се движат со забрзан тек и се надевам дека ќе имаат успешен крај, рече Илиев.

Претседателката на Советот на Општина Берово Марија Буровска исто така се заблагодари за соработката, меѓу советите од двете општини, додавајќи дека тие секогаш биле во многу блиски врски, посакувајќи во иднина соработката да се продлабочува и да се реализираат повеќе заеднички проекти.