Европската Комисија денеска го презентираше новиот закон за слободата на медиуми, чија цел е да се ограничи политичкото влијание и да се заштитат новинарите. Иако овие правила се однесуваат на земјите членки на ЕУ, од земјите кандидати се очекува да ги интегрираат во своите закони и пракси, најави еврокомесарката за транспарентност и вредности на ЕУ Вера Јурова. Со новото законодавство треба да се стави крај на политичкото и партиското влијание во медиумите за да можат новинарите да работат слободно, а под лупа е и државното рекламирање. Земјите членки ќе имаат обврска да ја почитуваат слободата на медиумите и заштитата на изворите, а сопствеништвото ќе мора да биде транспарентно.
Што се однесува до државните и јавните медиуми, нивното финансирање ќе мора да биде соодветно, стабилно, предвидливо и да обезбеди независност. Законот ќе биде на маса и за земјите кандидати и земјите кои преговараат, како Северна Македонија, бидејќи тој ќе биде еден од условите во процесот на приклучување. „Јасно ставивме до знаење дека сметаме дека состојбата со медиумите е важен елемент за проценувањето на квалитетот и одржливоста во земјите кандидати, тоа е во радарот на нашите преговарачи“, изјави Вера Јурова. Во име на ефикасноста Комисијата предлага и да се креира независен Европски одбор за медиумски услуги, кој ќе ги вклучи националните медиумски власти и чија цел ќе биде да врши надзор врз применувањето на ЕУ законот за медиуми. Тој одбор ќе издава и мислења за националните мерки кои го засегаат медиумскиот пазар и концентрации.