Најдобрата македонска женска репрезентација најверојатно нема да игра на претстојниот квалификациски турнир за пласман на Евробаскетот 2021 година кој од 1 до 6 февруари ќе се одржува во Рига, информираат од федерацијата.

Причината за евентуалното откажување на настапот на нашата селекција на „балонот“ во главниот летонски град се два позитивни случаи на ковид-19, кои беа потврдени на задолжителното тестирање од коронавирус направено во Охрид, непосредно пред тргнувањето за Рига.

Инаку, двата позитивни теста се потврдени кај стручниот дел од нашата најдобра женска селекција.

Раководството на федерацијата веќе е во постојана комуникација со ФИБА, поточно со генералниот секретар, Камил Новак. И во периодот кој следува, комуникацијата ќе продолжи на највисоко ниво.

Ќе се бара најдоброто решение за заштита на здравјето на сите кои се дел од нашиот женски национален тим, а во многу скоро време ќе биде донесена и конечната одлука.