Лиза Монтгомери синоќа ја примила смртоносната инјекција во Индијана и стана првата жена во САД, која сојузните власти ја погубиле од 1953 година.

На смртна казна е осудена во 2007 година поради монструозно злосторство. Во 2004 година убила жена во осмиот месец од бременоста сакајќи да ѝ го одземе нероденото дете. Детето преживеало.

Монтгомери својата жртва ја нашла на интернет и ја посетила во нејзиниот дом во Мисури, под изговор дека сака да купи кутре. На местото на настанот ја загушила, ѝ ја распарала матката, го извадила бебето и ја оставила младата жена во локва крв.

Нејзиното погубување беше одложувано во два наврати, поради коронавирусот и поради утврдување на нејзината ментална состојба. Нејзините адвокати тврделе дека таа боледува од тешка ментална болест која е последица на насилството и силувањата што ги претрпела во детството. Според нивните зборови таа не ја разбирала смислата за казна, што е неопходен услов за нејзино извршување.

Сојузниот судија во понеделникот наредил одложување на нејзиното погубување, неколку часа пред предвиденото извршување на казната, додека не се спроведе проценка на  нејзината ментална состојба.

Монтгомери е толку далеку од реалноста што не може рационално да сфати кој е мотивот на администрацијата за нејзино погубување“, оценил судијата Патрик Ханлон.

Министерството за правосудство веднаш поднело жалба, осудувајќи ја тактиката на одложувањето. На крај Врховниот суд ја отстранил последната препрека за одложувањето на казната, отфрлајќи ја одлуката на нижиот суд.