Хрватската Канцеларија за сузбивање корупција и организиран криминал (УСКОК) денеска поднесе обвинителен акт против четворица поранешни министри во кабинетот на Андреј Пленковиќ – Дарко Хорват, Борис Милошевиќ, Томислав Толушиќ и Јосип Аладровиќ, како и против четворица други осомничени во две гранки на истрагата покрената поради наводни незаконитости со доделувањето стимулативни мерки.
Покрај четворицата поранешни министри, како што потврдуваат хрватските медиуми, обвинети се и помошничката на Хорват, Ана Мандач, поранешниот државен секретар во Министерството за регионален развој Велимир Жунац, директорката на управата за помошни области Катица Мишковиќ и градоначалникот на Жупања Дамир Јузбашиќ.
Никогаш во историјата четворица поранешни министри не биле опфатени во едно обвинение. Иако сега сите четворица веќе ја напуштија функцијата, во моментот на покренување на истрагата против нив, во февруари годинава, во актуелната влада седеа тројца од нив: Дарко Хорват, Борис Милошевиќ и Јосип Аладровиќ. Четвртиот, Томислав Толушиќ, беше разрешен седум месеци претходно.
Хорват беше приведен на 19 февруари годинава и во истражен затвор мина 10 дена, а денеска е и официјално обвинет дека во 2018 година, во својство на министер за економија, претприемништво и занаетчиство, заедно со својот помошник, поттикнати од ко-осомничените лица, незаконски доделиле 2,6 милиони куни грантови на стопански субјекти за кои и тој бил лично заинтересиран. (1 куна=0,13 евра).