Профилите на Фејсбук и на Инстаграм на експретседателот на САД, Доналд Трамп, се повторно обновени откако беа суспендирани пред точно две години поради немирите во Капитол Хил на 6 јануари 2021 година.

Компанијата Мета, во чија сопственост се овие социјални мрежи, неодамна соопшти дека Трамп ќе може повторно да ги користи неговите профили на Фејсбук и на Инстаграм по двегодишната забрана, но со нови заштитни мерки кои би спречиле повторно прекршување на правилата на социјалните мрежи.

„Во случај господинот Трамп да објави содржина што ги прекршува стандардите на заедницата, но доколку според нашата политика за објавување процениме дека постои јавен интерес да се знае дека господинот Трамп ја дал изјавата, можеме да ја ограничиме дистрибуцијата на таквите објави, но да ги оставиме видливи на неговиот профил“, порачаа од компанијата Мета.

Од компанијата додадоа дека со оглед на неговите претходни прекршувања на политиката на овие медиуми, Трамп сега се соочува со зголемени казни за евентуалното повторување на прекршоците – казни кои ќе се применуваат и за други јавни личности чии профили на Фејсбук и на Инстаграм се вратени по суспензии.

Во случај поранешниот американски претседател да објави дополнително несоодветна содржина, компанијата најави дека таа ќе биде отстранета, а неговиот профил ќе биде суспендиран во временски интервал од еден месец до две години, во зависност од тежината на прекршокот.