УНЕСКО ја додели светската награда за слобода на медиумите за 2024 година на новинарите кои извествуваат од Газа

Палестинските новинари кои известуваат за Газа се прогласени за лауреати на светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано за 2024 година, по препорака на Меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата ќе се одржи на 2 мај на маргините на Светската конференција за слобода на печатот во Сантијаго, Чиле.

Во овие времиња на темнина и безнадежност, сакаме да споделиме силна порака за солидарност и признание до оние палестински новинари кои ја покриваат оваа криза во такви драматични околности. Како човештво, имаме огромен долг кон нивната храброст и посветеност на слободата на изразување, изјави Маурицио Вајбел, претседател на Меѓународното жири на медиумски професионалци.

Одри Азулеј, генералната директорка на УНЕСКО порача дека секоја година, наградата на УНЕСКО/Гилермо Кано им оддава почит на храброста на новинарите кои се соочуваат со тешки и опасни околности.

Уште еднаш оваа година, Наградата не потсетува на важноста на колективната акција за да се осигури дека новинарите ширум светот можат да продолжат да ја извршуваат својата основна работа за информирање и истражување, посочи Азулеј.

Тековниот конфликт во Газа има сериозни последици за новинарите. Од 7 октомври 2023 година, УНЕСКО ја осуди и изрази жалење за смртта на 26 новинари и медиумски работници на работното место, врз основа на информации од неговите меѓународни партнери од невладини организации. Организацијата разгледува уште десетици случаи.

Д. Тахири