Пакистан кој се соочи со низа поплави апелира до меѓународната заедница да и помогне на јужноазиската нација во нејзиниот „час на потреба“, бидејќи бројот на загинати од тековната катастрофа надмина 1.265 луѓе.

„Степенот на уништувањето е огромен и бараме огромен хуманитарен одговор за 33 милиони луѓе. За ова, апелирам до моите сограѓани Пакистанци, иселениците од Пакистан и меѓународната заедница да му помогнат на Пакистан во овој час на потреба“, изјави министерот за планирање Ахсан Икбал.

Немилосрдните монсунски дождови и топењето на глечерите во северните планини предизвикаа поплави кои погодија 33 милиони луѓе. Здравствените власти соопштија дека најмалку 57 лица починале во изминатите 24 часа.

Официјалните лица рекоа дека околу 441 дете се меѓу вкупниот број на смртни случаи. Агенцијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека постои ризик од „многу повеќе“ смртни случаи на деца од болести по поплавите.

Речиси 30 авиони со хуманитарна помош пристигнаа во Пакистан, вклучително и најмалку девет летови од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и други од Узбекистан, Кина, Туркменистан, Јордан и Катар, заедно со воз што превезуваше помош од Турција, според Министерството за надворешни работи на Пакистан.

Француски авион кој превезуваше помош пристигна денеска во Исламабад и беше пречекан од Абдул Кадир Пател, министерот за национални здравствени услуги. Војската на САД вчера соопшти дека се подготвува да се приклучи на меѓународните напори за помош во Пакистан.

Американското Министерство за одбранасоопшти дека нејзината централна команда „испраќа тим за проценка во Исламабад за да утврди каква потенцијална поддршка може да обезбеди како дел од помошта на Соединетите држави за кризата со поплавите во Пакистан“.

Портпаролот полковник Џо Бучино рече дека одлуката уследила по телефонскиот разговор на 1 септември меѓу началникот на Централната команда генерал Ерик Курила и началникот на Генералштабот на пакистанската армија, генерал Камар Џавед Баџва.

Пентагон има долготрајни врски со пакистанската војска, но односите меѓу нациите честопати се влошуваат поради различни прашања, вклучувајќи ги и тврдењата на САД дека Исламабад засолнува милитанти кои дејствуваат во Авганистан.

ОН и Пакистан оваа недела заеднички упатија апел за итно финансирање од 160 милиони долари за помош на погодените од поплавите. Пакистанските власти соопштија дека ќе бидат потребни најмалку 10 милијарди долари и многу години за Пакистан целосно да се опорави од катастрофата./slobodnaevropa/