По детална анализа, археолозите од Норвешка тврдат дека го откриле најстариот рунски камен во светот.
Издлабен во кафеав песочник, новооткриениот рунски камен може да го претставува најраниот пример за постоење на писмото во Скандинавија, според истражувачите од Музејот за културна историја во Осло. Нивните проценки се дека е стар околу два милениуми, што го прави неколку века постар од претходните рекордери.
При ископувањето на локалитетот во Свингердур, кој се наоѓа во близина на Осло, откриен е камен со димензии 31 х 32 см. Тој беше положен во гроб, што им помогна на научниците да го датираат. Имено, анализата на изгорените коски и јагленосаното дрво покажала дека пронајдоците се од периодот помеѓу првата и 250 година од Новата ера.
Истражувачите кои биле вклучени во неговото испитување наведуваат дека анализата на овој камен не била воопшто лесна, но оти сега е очигледно дека на него има неколку натписи кои немаат смисла, а еден од идентификуваните зборови на него е „ идиберг“ – што според некои хипотези може да биде женско или машко име или пак, презиме.
Интересен факт е дека постарите облици на рунско писмо веќе се пронајдени на некои други предмети, како што е чешел за коски од Данска, но никогаш не се забележани на камен. Малку е познато за потеклото на ова писмо, освен дека тоа било во употреба кај германските народи од 1 или 2 век од нашата ера, сè до усвојувањето на латинската азбука.
Затоа, истражувачите се надеваат дека ова откритие ќе им даде нови информации кои ќе им овозможат да ја реконструираат употребата на руни во раното железно време. Според нивните тврдења, тие имаат уште многу работа, но нивната првична претпоставка е дека ова е најверојатно еден од првите – ако не и прв – обид да се користат руни во Норвешка и Скандинавија на камен.
Извор: National Geographic