Деветте државјани на С Македонија кои силниот земјотрес во Турција ги затекна во југоисточниот дел на земјата го напуштиле подрачјето загрозено од потресот и се на пат кон Анкара, соопшти утрово Министерството за надворешни работи.

Како што информираа вчера од Министерството, станува збор за осум ученици, средношколци од Гостивар, а дел од нив доаѓаат од поширокиот регион на Маврово и Тетово. Тие заедно со заедно својот ментор/наставник преку програмата „Еразмус плус“ престојувале во градот Кахраман Мараш во Турција.

Според планот, учениците и нивниот ментор/наставник од Анкара ќе бидат префрлени и сместени во Истанбул од каде што утре треба да тргнат назад во земјава. Меѓу нив се и двата ученика кои беа повредени во земјотресот и кои, како што информираат од МНР, се во добра здравствена состојба и се чувствуваат добро.

„Во организација на Амбасадата на Северна Македонија во Анкара, со две возила, учениците во текот на денот ќе пристигнат во турскиот главен град. Оттука учениците ќе бидат упатени кон Истанбул каде што е обезбедено привремено сместување сѐ до нивното заминување кон земјава кое се планира да биде во текот на утрешниот ден. Меѓу нив се и двата ученика кои беа повредени и се во добра здравствена состојба и се чувствуваат добро“, се наведува во соопштението на МНР.

Според последните информации добиени денеска во 8:30 часот, велат од Министерството, во разорниот земјотрес кој ја погоди југоисточна Турција, загинати се над 3 300 турски државјани, над 20 илјади се повредени, а над шест илјади згради се уништени.