Поранешниот британски премиер Борис Џонсон се откажа од намерата повторно да се кандидира за лидер на Конзервативната партија и премиер, по сомневањата дека меѓу конзервативните пратеници има доволно поддршка за политичко враќање, јавуваат светските медиуми.
Додека дел од конзервативците сметаат дека Џонсон повторно би можел да и донесе победа на партијата на изборите, многумина предупредија дека неговото враќање би било катастрофа по серијата скандали за време на неговиот мандат, пишуваат светските медиуми.
Џонсон се повлече од трката за следен британски премиер во неделата, 23 октомври, откако неговата кампања пропадна, при што ривалите тврдат дека нема да ја добие поддршката од 100 конзервативни пратеници, што е неопходно за формална кандидатура, пишува „Фајненшл тајмс“.
Со неговото пензионирање, поранешниот министер за финансии Риши Сунак е фаворит за наследник на Лиз Трас како лидер на конзервативците и премиер.
Покрај Сунак, во трката останува и Пени Мордан, која ја поддржуваат помалку од 30 пратеници од конзервативците. Доколку до понеделник 24 октомври не го достигне прагот од 100 пратеници, Сунак ќе биде премиер, пренесуваат медиумите.
Според предлозите за избор на нов лидер, по гласањето на конзервативните пратеници, за изборот меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови во парламентот би одлучувале членовите на Конзервативната партија. Џонсон рече дека би добил глас меѓу членството, но дека дошол до заклучок дека тоа нема да биде правилно. „Не можете ефективно да владеете ако немате обединета партија во парламентот“, рече тој во изјавата.