Од август корисниците на парно во главниот град ќе добиваат сметки пониски во просек за четири отсто. Сметките на нешто повеќе од 56 илјади домаќинства кои се приклучени на системот на топланата Балкан енерџи груп ќе бидат пониски за 4,3 отсто, објави Регулаторната комисија за енергетика. Ова намалување на цената на парното на БЕГ се должи пред сѐ на зголемувањето на бројот на корисници кој само лани се зголемил за две илјади нови домаќинства.

Advertisements

„Некаде на еден просечен стан од 55 до 60 квадрати, вкупниот трошок за една грејна сезона изнесува околу 19 900 денари, на ниво на цела година“, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Регулаторот одлучи да ја намали и цената на парното на ЕСМ Енергетика за половина процент, односно 3800 домаќинства колку што ги загреваат домовите од оваа топлана во следните 12 месеци ќе добиваат речиси идентични сметки како и изминатиов период. Што се однесува пак до сметките на топлана Скопје Север и тука ќе има намалување на цената на парното за 1,2 отсто. Во овој случај загрижува фактот што и натаму има континуирано исклучување на корисниците. Сега има само 500 корисници.

„Проблемот е што во една зграда има до два-три потрошувачи и фиксниот надоместок паѓа на овие два три потрошувачи. Колку повеќе потрошувачи ќе се приклучуваат фиксниот надоместок ќе се распределува на повеќе потрошувачи, и на тој начин и трошоците на топлинска енергија на оваа мрежа ќе се намалуваат“, додава Бислимовски.

Ваквите одлуки не им се допаднале на компаниите од бизнисот со парно, но регулаторот вели дека првичните барања за зголемување на цените им биле неосновани. И натаму останува фактот дека трошокот за греење е најмал на топлинската енергија во споредба со загревањето на домовите и деловните простории на струја или на огревно дрво.

Иле Петревски