Антиевропски сили стојат зад отворањето на културниот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, смета официјална Софија. На отворањето на македонскиот клуб за в недела, досега присуството го потврдија од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Според бугарското МНР, овие две партии водат политика против евроинтеграцијата на земјава. Оттаму сметаат дека ова е нов обид за провокација.

„Во случајов имаме едно физичко лице кое се претставува како невладина организација, која инаку не постои. Тоа лице закупило простор од приватно лице, со образложение дека во просторот ќе оформи клуб на бугарски поет. За нас единствен интерес е како еден ваков настан се охрабрува, поттикнува и поддржува од двете основни опозициски партии во Скопје“, рече Костадин Коџабашев – заменик-министер за надворешни работи на Бугарија.

„Не ли сметате дека повторно се обидуваат да го искористат нашето чувствително историско минато за да скараат брат со брат, притоа против интересите на државите“, рече Жељазко Радуков – експерт во МНР на Бугарија.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи оцени дека отворањето на клубовите било веднаш злоупотребено во политички агенди. Тој истакна дека зад клубот во Благоевград стои фондација од Канада, со историјат кој не е во функција на стратешките интереси на земјава. Според него, македонскиот клуб во Благоевград, именуван според писателот Вапцаров, но и бугарските клубови во Битола и Охрид се „стапица“ и не одат во прилог на заедниците во двете земји, а провокатори се обидуваат да ја киднапираат агендата на добососедство.

„Овој не е патот. Да, можеби ќе ни ги задоволи малку чувствата, ќе ни ги задоволи потребите за да „вратиме“, но тоа е краткорочно. Мислам дека треба да се вратиме на нормален колосек на односи. Тоа што се случува утре е многу поважно од тоа што се случува задутре“, рече Османи.

Тој кажа дека задутре нема да присуствува на отворањето на клубот, туку на утрешното започнување на обновените градежни активности на долгооочекуваната пруга кон Бугарија, во рамки на Коридор 8. Османи исто така откри дека Министерството за култура веќе започнало процедура за отворање државно-поддржан македонски Културно-информативен центар во Благоевград.

Лука Андреев