Казна затвор од пет години му се заканува на бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар поради наводна измама и корупција при неговиот трансфер од Сантос во Барселона во 2013 година.
Покрај Нејмар, на обвинителна клупа во судот во Барселона на почетокот на идната недела ќе седнат и неговите родители, поранешните претседатели на Барселона, Жозеп Бартомеу и Сандро Росел, како и поранешниот прв човек на Сантос, Одилио Родригез.
Случајот произлегува од тужба од бразилската компанија ДИС, која поседуваше 40 отсто од правата на Нејмар додека бразилскиот репрезентативец настапуваше во Сантос.
Компанијата тврди дека трансферот на Нејмар од Сантос во Барселона бил реализиран по значително пониска цена од реалната пазарна вредност на фудбалерот.
Бразилската компанија за сите обвинети бара затворски казни до шест години и парична казна до 195 милиони евра. За Нејмар се бара казна затвор од пет години.
Извор: Макпрес