Истражувачи од Универзитетот „Пурду“ во САД тврдат дека ја откриле хемијата што стои зад потеклото на животот на Земјата во неколку капки вода. Греам Кукс, професор по хемија на универзитетот и главен автор на новото истражување, тврди дека станува збор за „драматично откритие“ за „тајната состојка за создавање живот“.
– Ова практично е хемијата што стои зад потеклото на животот. Ова е прва демонстрација дека древните молекули, едноставните аминокиселини, спонтано формираат пептиди, основите на животот, во капки чиста вода – напишал Кукс.
Според Алан Дусет, универзитетски професор кој не бил дел од истражувањето, ова е уште еден доказ дека се случува нешто неверојатно во хемијата на едноставни капки вода.
Едноставно речено, истражувањето ја поддржува теоријата дека животот на Земјата почнал во океаните. Аминокиселините, за кои научниците веруваат дека стигнале на Земјата пред милијарди години преку метеорити, може да се врзат за да формираат пептиди, за кои долго се сметало дека се основни состојки на протеините и животот.
Она што ги бунело научниците е тоа што овој процес барал околина во и надвор од водата. Сепак, со помош на најнови спектометри, Кукс и неговите колеги откриле дека може да се случат екстремно брзи реакции на местото каде што капките вода ја среќаваат атмосферата.
Истражувањето може да објасни како се создал животот онаму каде што морето се сретнува со почвата или онаму каде што свежата вода поминува на плодна почва. Според Кукс и неговите колеги, овие основни блокови на животот може спонтано да се создадат во водата без потреба од други катализатори.
Извор: Факултети